Награди и признанија

 

 

      Пред се, мораме да истакнеме дека сите се победници! и дека награди заслужуваат и наградени се сите што учествуваат! Тоа е многу важен мотивирачки фактор за сите: самите спортисти/атлети, нивните тренери, воспитувачи и помагачи, нивните фамилии и, секако, волонтерите - тие вредни хумани и благородни души што не го жалат своето време, труд и енергија за развој, инклузија и проширување на  видиците и хоризонтите. Се разбира, наградени се и признанија добиваат и спонзорите кои одвојуваат дел од себе за сето ова да се случи.

 

      Меѓутоа, сепак нешто би издвоиле: тоа се петте медали освоени на 11 Летни светски олимписки игри на СО во Даблин, Ирска, специјалната награда добиена од страна на ВУЛКАН и Полиоплус - ВУЛКАН НАГРАДА за особени заслуги во промоција на правата на лицата со посебни потреби, за 2003 год., предадена од Претседателот на РМ, Борис Трајковски, наградата за граѓанско општество и демократија за одржлив развој “Херт Јан ван Апелдорн” од страна на Македонски центар за меѓународна соработка, како и наградата добиена за најхумана организација од страна на Семеен Магазин. Со доделување на оваа награда бевме прогласени и за најдобра невладина организација за 2003 година, а со голема поддршка од другите НВО очекуваме и годинава наградата да ни припадне нам.

 

      Покрај спроведувањето на програмските, пред се спортски активности, активистите на СО Македонија креираат и реализираат најразлични социјално-културни активности чија главна цел е надминување на бариерите, подигање на јавната свест и, секако, доближување на лицата со посебни потреби до секојдневниот јавен живот. Во таа насока, за време на Новогодишните празници, во соработка со Фондацијата Мобимак за Македонија, на целата територија на Македонија беа организирани посебни средби со клубовите - членки на СОМ, како и други институции и поеднци, при што беа поделени околу 2.000 пакетчиња.

 

      Дека и ваквите активности и заложби се ценети од целокупната наша јавност сведочи и наградата за хуманост добиена од страна на организаторите на манифестацијата Хуманост во акција, каде што Националниот директор на СОМ, М-р Огнен Стаматоски, доби плакета за еден од 25-те најхумани во Македонија. Насочувајќи ја плакетата кон Ена Митревска, јасно беше истакнато дека атлетите и организацијата се добитниците.

 

      Наедно, главните поддржувачи и спонзори на СОМ на многу наврати организираа средби, презентации и промоции, како и средби со медиумите, каде што се истакнуваше значењето на трајните корпоративни поврзувања и придобивките од нив. Медиумите, од своја страна, доследно и суптилно вршеа известувања и презентирања на активностите.

 

      Посебно место мора да ù се даде на Владата на РМ која континуирано, преку Агенцијата за млади и спорт и Министерството за одбрана на РМ, ни даваше поддршка и материјално-логистичка помош во реализацијата на зацртаните програмски активности. Истото го очекуваме и од други институции.

Инаку, највредна награда за сите нас, коишто во овој краток временски период мактрпно работеа и не се штедеа, е добивањето на официјалната лиценца, т.е. акредитација за работа. И со ова се потврдуваат високите стандарди и принципи што нашиот тим ги зацртал и ги спроведува.

 

   

  Специјална Олимпијада Македонија © Сите права се задражани 2006.